ВЕВЧАНСКИ ИЗВОРИ - СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА

Вевчански Извори

Опис на Локалитетот

Локалитетот Вевчански Извори се наоѓаат на крајниот југозападен дел  во Југозападна Македонија на планината Јабланица на надморска височина од 950 м.

Овој локалитет претставува исклучително значаен хидролошки, односно хидрогеолошки локалитет кој според своите карактеристики е од посебен интерес за научно-истражувачката работа. Со своите природни убавини и исклучителните биолошки, хидролошки и пределски вредности преставува подрачје каде природните процеси се одвиваат непречено, каде одржливото користење на природните ресурси и развојот на еко-туризмот доведува до развој на локалните заедници имајќи ги во предвид нивните економски и социјални потреби.

                                                                                                                  

Локалитетот Вевчански Извори за прв пат е прогласен за заштитено подрачје со Одлука за прогласување на локалитетот Вевчански Извори за Споменик на природата од страна на Советот на Општина Вевчани од 29.11.1999 година. Собранието на Република Македонија по предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање на ден 22.03.2012 година го донесе Законот за прогласување на Вевчански Извори за споменик на природата заради заштита на хидролошките, хидрогеолошките, биолошките и другите научни вредности.

На источното подножје на планината Јабланица изградено од мезозојски варовници се наогаат Вевчанските Извори. Главниот извор со проточност од 1.5 м³/сек. избива од пештерски канал. Природниот механизам на оваа појава е врзан за таканаречената псеудопериотска сифонска функција што претставува природна реткост во Република Македонија, а од друга страна, како хидрогеолошка појава претставува типично контактно извориште

Внатрешноста на пештерата е истражена во должина од околу 40 м. Всушност, се работи за разбиена пукнатинска карстен издан. Водата избива од пукнатини распоредени одозгора надолу на линија долга околу 100 м и со висинска разлика од 10 м. Овој тип на извори се карактеристични за карстните предели каде што во време на полноводие сите подземни канали и пукнатини се заситени со вода и на површината се јавуваат како прелив кој е условен со загатот од водонепропусните филитични шкрилци во базата. Нивото на преливот е во зависност од котата на подземната акумулација, која опаѓа или се подига во зависност од хидролошкиот период.

Вевчанските извори се главна туристичка атракција во Вевчани  и предмет на интерес на голем број домашни и странски туристи во текот на годината. Изворите се дел од програмите на туристичките аранжмани за учениците од основните и средните училишта, пензионерите, викенд аранжманите, организираните тури за странските туристи и други целни групи. Локалитетот е целосно уреден со пешачки патеки, а амбиенталното осветлувањето овозможува уживање и посетување на локалитетот и во  ноќно време.

                                                           

Локалитетот  во изворот поседува инфо-табли од кои туристите можат да се информираат за  биолошката разновидност во локалитетот. Инфраструктурата на просторот е решена, што се однесува до пристапни патишта, електрична енергија и  вода за пиење, а  воспоставени се  и добри комуникациски врски. Изворите редовно се чистат.