ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ - ИСТОРИЈА

Вевчански Карневал

Настан кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава.Карневал кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Настан на кој му се восхитуваат илјадници странски посетители секоја година збогатен со неговата културна и историска вредност.Вевчанскиот Карневал секоја година се организира на 13 и 14 Јануари.

Од 2008 година програмата за Вевчанскиот карневал се прошири и истата континуирано се организира почнувајќи секоја година од 11 Јануари до 14 Јануари. Секоја година на 11 Јануари Културно уметничкото друштво Дримкол од Вевчани организира годишен концерт на кој сите заинтересирани имаат можност да се запознаат со работата и достигнувањата на Културно уметничкото друштво во текот на годината. Наредниот ден, на 12 Јануари се организира забавен концерт на кој учествувале и учествуваат голем број на домашни и балкански пејачи. Официјално карневалот започнува на 13 Јануари со пладневното дефиле на маски на кое учесниците ги презентираат своите изработени маски мотивирани од различни секојдневни и несекојдневни животни ситуации.

Вечерта, на 13 Јануари се организира концерт на народна музика во центарот на Вевчани на која учествуваат голем број на домашни истакнати пејачи од овој жанр. Карневалот завршува на 14 Јануари со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани. Главни карактеристики на карневалот се: архаичноста, таинственоста и импровизацијата. По своите специфични особини се разликува од сите други карневали во светот. Местото на карневалското случување е целото Вевчани, кое, за време на неговото одржување се претвора во своевиден театар без граници каде што секоја куќа, улица е сцена каде маскираните ги изведуваат своите игри како вистински актери.

Постојат три традиционални маски: ,,зет и невеста“, ,,Глупи Август“ и музичари. Останатите маски во суштина се помали или поголеми карневалски ,,групи“, кои со костимите, гестовите и движењата обично ги исмеваат и жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот.   Особено е карактеристична улогата на ,,Глупи Август“. Оваа маска обично ја носат млади луѓе, полни со енергија, а кои со публиката комуницираат со невообичаени движења и гестови, но и со карактеристичен врисок.  За времетраењето на карневалот, маскираните ја имаат сета слобода и “занес” во “поставувањето на светот наопаку”, слобода во која до израз доаѓа креативноста на духот, смислата за импровизација, критика и иронизирање. Покрај самите актери во неговата афирмација учествуваат бројни новинарски екипи, сниматели и фоторепортери. На почетокот на осумдесеттите години Вевчани го посети и францускиот етнолог и фоторепортер Жан –Мари Стенлен, кој во 1984 година во париски “Бобур”, но и во други културни центри во Европа на културната јавност и понуди репортажа од Вевчани, во која тој со чувство на уметник ги овековечи карневалските настани. Маските и сеансите тој ги има снимено спонтано и со голема вештина и на светот му понуди документ за вевчанската посебност, во која моделите егзистираат во совршената едноставност на вевчанските екстериери. Неколку фотографии на оригинални маски од вевчанските карневали, од овој автор, најдоа свое место и во големата енциклопедија на европските карневали, публикувана во Париз во 1986 година.   За времетраењето на карневалот, вевчанци од целиот свет се прибираат дома за да учествуваат во единствената претстава обилно залиена со црвено вино, во која има место за секој добронамерник со карневалски дух.