Манастир Свети Спас - горни

Преглед

  • Назив: Манастир Свети Спас - горни
  • Категорија: Природни убавини

Рејтинг

од 2641
Популарност

Прегледи

1269

Манастир Св. Спас - горни

Опис на Локалитетот

Локалитетот  се наоѓа во пазувите на планината Јабланица, на само 50 минути пешачење од центарот на Вевчани. Тоа е едно од најатрактивните духовни светилишта во Вевчани. Местоположбата на овој манастир е таква што од него како на дланка се гледа целата струшка котлина. Денешната локација на овој манастир е од крајот на XIX век, додека поранешните локации на овој манастир биле: прво во близина на селото Велешта, потоа на влезот на населбата Вевчани, а третата локација на овој манастир била над самата населба во месноста викана Бел(и)  Брег, за потоа манастирот да биде изграден каде што се наоѓа денес. Ваквото дислоцирање на манастирот  се правело поради сквернавењето што го вршеле муслиманите. На оваа локација од 1985 до 1990 година е изградена манастирска црква. Во 1992 година е пробиен шумски пат по кој со теренско возило може да се стигне до манастирот, со што се  придонесе за уште помасовна  посетеност.  Во поранешните времиња кога печалбарите заминувале на печалба, последниот поглед им бил вперен во овој манастир. Младите момци кога заминувале во војска, учениците и студентит на почетокот на учебната година, земјоделците пред сеидба – сите како по непишан закон оделе во ова светилиште, барајќи помош. Манастирот е изграден на карпа, а задниот ѕид е самата природна карпа. Во внатрешноста има иконостас изработен во првата половина на XIX век со престолни икони и икони за целивање. На иконостасот се наѕираат  и икони во резба, изработени од раката на вевчанските дрворесци. 

     

За големината на култот на овој манастир зборува и податок што во него  во текот на годината три пати се врши богослужба и тоа на самиот ден на Вознесение Христово, потоа четвртокот пред Митровден, и четвртокот пред денот на Свети Анастасија. Посетата на овој манастир пред Митровден се должи на тоа што во тој период почнувала стоката да изумира, а вевчанци лек за својата стока нашле во молитвите упатни до Бабалакот-Личникот, односно, Господ Исус Христос-Свети Спас. Тртата богослужба е воспоставена уште во дамнина, бидејќи печалбарите на пролет заминувале на печалба, а на самиот ден на Вознесение Христово, не биле во можност да го чуваат манастирот. Затоа, манастирот го посетувале во четврток, пред Свети Анастасија, тогаш се вршела целосна празнична богослужба.  

                                                                                                       

 Во 2013 година кај овој манастир се постави 25 метарски Крст, истиот е осветлен и може да се види кога се движиме по Магистралниот пат Струга –Дебар. Моментално со изградбата на овој крст, манастирот доби уште поубава слика и причина за посета. Во далечното минато, сестрата и братот од селото Вишни, останале сирачиња, но за сметка на таа судбина, стнале светци. Нивните имиња според легендата се Спасица и Спасе, кои, бидејќи немало место за служење и престој во манастирот сместен во камен во Вишни, на нив двајцата, тие решиле да се разделат. Спасица останала во камениот манастир во селото Вишни, а спасе пак, дошол во Вевчани, подавајќи ја душата на Севишниот. Така, се создал првиот манастир што го добил името Свети Спас во Вевчани,а потоа во месноста Бела плоча, под самата населба, се родил и вториот манастир што го добил истото име Свети Спас.  Меѓутоа, треба да се истакне фактот  дека сестрата Спасица што останала во Вишни, од жал, за својот намачен брат Спасе, како осветлен факел летала над големите букови дрва и се упатувала кај својот брат во манастирот над Вевчани. И, покрај краткото време пак, како запален сноп р’жаница, си се враќала во својот бишенски манастир.   Оваа легенда, го надживеала времето, така што зачувана е и во еден извештај од српски подофицер, кој што го забележал и запишувал ова “чудо што лета над дрвјата и свети надалеку” а оваа легенда е објавена  и во 1926 година.

 До манастирот водат две патеки едната е пробиена за стигнување со теренско возило, а другата е пешачка патека по која на секои 100-200 метри има поставено дрвени клупи за одмор. Пред самиот манастир поставени се маси и клупи за седење организирање на седенки и пикник. Манастирот е осветлен, поставена е електрична енергија,  така што може да се посети и во вечерните часови.