Вевчани, 23 јули 2021 – Општина Вевчани ја реконструираше детската градинка „Планински свет“ и го реновираше Дневниот центар за стари изнемоштени лица и пензионери благодарение на вклученоста на граѓаните во процесот на локален развој преку Форумите во заедницата, организирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и спроведуван од УНДП, во соработка со 24 општини.

Денеска, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер го посети Вевчани за да ги види резултатите од овие проекти и одржа средба со градоначалникот Сашо Јанкоски и советничката Дијана Бебекоска на која беше дискутирана соработката меѓу Владата на Швајцарија и Општина Вевчани во унапредување на процесот на децентрализација и зајакнување на капацитетите на општината за отчетно и транспарентно работење. Тие исто така разговараа за понатамошните можности за вклучување на граѓаните во одлучувачките процеси врзани со локалниот развој.

„Овој проект е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од УНДП со вкупна вредност од 62.000 швајцарски франци. Од особено значење е што во рамки на овој проект се реализираа два приоритетни проекти предложени и избрани од самите граѓани на Вевчани, преку форумите во заедницата. Проектот „Адаптација и пренамена на простории во детската градинка ЈОУДДГ Планински Цвет“ кој вклучуваше замена на електричната инсталација, спуштање на плафоните, опремување на засебен и соодветен простор за индивидуална работа на логопед како и целосно уредување на надворешниот простор за игра на деца со поставување на нови реквизити за игра. Проектот „Реновирање на дневниот центар за стари лица и пензионери“ е од особено значење за највозрасните во нашата општина, бидејќи ова е единствен простор каде тие можат да го поминуваат своето слободно време и да се дружат. Преку овој проект се реновираше просторијата како и се подобрија условите за затоплување“, објасни Сашо Јанкоски, градоначалникот на Општина Вевчани.

Со вкупно 3,5 милиони франци, Швајцарската влада го поддржува зајакнувањето на општинските совети во 24 општини низ земјата како тела кои се клучни за развојот на партиципативната демократија и транспарентното и отчетно работење на општините.

„Овие проекти се резултат на споделувањето на идеи и приоритети за локалниот развој од страна на граѓаните, преку Форумите во заедницата. Ние го претставивме овој механизам за локална демократија во земјата во 2006 година и до сега се покажа како многу ефикасен во зајакнување и овозможување на директно граѓанско учество во носењето на одлуки на локално ниво. Преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, од 2018 година го поддржуваме овој процес со вкупно 24 проекти на Форуми во заедницата спроведени со швајцарско финансирање во општините низ земјата. Како и во Вевчани, често гледаме како граѓаните преку овие проекти ги приоретизираат потребите на оние граѓани на кои им е потребна дополнителна грижа и внимание, од децата и старите лица до лицата со попреченост. Дополнително, преку овие проекти помогнавме да се подобрат општинските услуги во областа на образованието, животната средина, културата, водоснабдувањето, комуналните услуги и урбанистичкото планирање“, истакна Сибил Зутер, амбасадорката на Швајцарија.

Дијана Бебекоска, советничка во Општинскиот совет на Вевчани, ја потенцираше вредноста на швајцарската поддршка во зајакнување на капацитетите на општината и советот, како и за зголемување на транспарентноста во нивното работење.

„Советот на општина Вевчани беше вклучен преку Програмата за развој на капацитетите на советниците, тематските работилници и вмрежување, но и со активно учество во одржувањето на форумските сесии од проектниот форум во Вевчани. Преку оваа компонента се зајакнаа капацитети на општината и се подобри процесот на консултација и соработката со граѓаните, како и се подобрија условите во неколку важни сфери за нашата заедница. Третата компонента од проектот за транспарентност на Советот и општината, преку која се набави аудио и видео опрема за пренос во живо на седниците на Советот, овозможи приближување на работењето на Советот и општината до граѓаните на Вевчани, што е од особено значење“, истакна Бебекоска.

Проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети“ го спроведува Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), во согласност со Програмата во земјата, меѓу кои е и зајакнувањето на локалниот развој и самоуправа. Проектот се спроведува во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women). Преку проектот досега беа спроведени низа активности за зајакнување на капацитетите на советниците и нивно вмрежување, подобрување на транспарентноста и отчетноста на општините преку примена на иновативни алатки, и зголемување на граѓанското учество во донесувањето одлуки на локално ниво. Почнувајќи од 2018 година одржани се вкупно 125 форумски сесии во 24 општини на кои учествуваа околу 8.500 граѓани, жители од избраните општини.