Вевчански карневал – најпознатиот бренд на Македонија традиционално на 12-ти, 13-ти и 14 Јануари
Нема потреба од премногу објаснување и асоцијации, штом се спомене Вевчани, веројатно веднаш на сите им асоцира на ВЕВЧАНСКИОТ КАРНЕВАЛ, кој традиционално се организира пред Василица.
Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и  Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1500 години.
Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма.
На 12-ти Јануари веќе традиционално се организира програма од забавна музика, на 13-ти од народна музика и сето тоа испреплетено со традиционалното дефиле на маски, кое завршува со палење на маските на 14-ти Јануари.

Подготовките за Вевчанскиот карневал се веќе започнати, а од Општина Вевчани најавуваат прекрасно издание со одлична програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители и учесници.