На 07.08.2020 година, во просториите на ООУ „Страшо Пинџур“ Вевчани, се одржа Втората форумска сесија во општина Вевчани, за идентификација и утврдување на предлог концепти и спроведување на предлог проект како дел од отворената грантова шема од проектот „Зајакнување на општинските совети“ финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а спроведувана од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women. При организирањето на форумската сесија беше спроведуван Протокол на мерки на безбедност за одржување на форумски сесии во услови на ризик од Ковид-19. Согласно протоколот, запазени беа сите здравствени протоколи, односно мерење температура при влез во просторијата, физичка дистанца, носење заштитни маски, користење средства за дезинфекција.

Учесниците на денешната сесија презентираа 5 проектни идеи, кои беа утврдени на првата форумска сесија. Предлог концептите се однесуваа на „Aдаптација и пренамена на просториите на објектот Детска Градинка  ЈОУДДГ ‘Планински Цвет’ – Вевчани“,„Нагледни средства за децата од ООУ ‘Страшо Пинџур’“,„Пристапни патеки во училиштето“,  „Реновирање на Дневниот центар за стари изнемоштени лица и пензионери“, „Селектирај и допринеси за заедницата – поставување на канти за отпад“. Дополнително на форумската сесија беше предложен и предлог концепт кој се однесуваше на набавка на материјали и средства за работа за справување со пандемијата Ковид 19.

Присутните граѓани со своите активности поврзани со форумот ќе овозможат да се имплементира проект поддржан од граѓанскиот сектор во износ до 2,7 милиони денари, односно 50 илјади швајцарски франци.

Третата форумска сесија ќе се одржи на 12.08.2020 година во просториите на ООУ „Страшо Пинџур“ Вевчани.