Краток опис на општината

Општина Вевчани се наоѓа на само 15 км од Охридското Езеро, сместено е под падините на Јабланица, во југозападниот дел на Македонија. Се простира на површина од 35 км2, која е претежно ридско-планинска. Вевчани брои 550 постојани домаќинства со околу 2.500 жители и околу 300 викенд куќи. Вевчани изобилува со голем број природни реткости и локалитети. Посебен белег му дава водата, која може да се види насекаде, но најдоминантна е во локалитетот Вевчански Извори – споменик на природата. Големо природно богатство се и шумите и живиот свет во нив, како и големиот број излетнички места, како:

  • Месноста Голина со глечерското езеро Локва на 2 000 м н. в.;

  • Месноста Мала ливада, на која посебен белег ѝ дава студената, бистра изворска вода на н. в. од 1.600 м;

  • Месноста Јанков Камен, најубавото и најпосетеното излетничко место, богато со вода, на н. в. од 1.200 м.

Вевчани е познато и по културното богатство, како што е старата архитектура која вевчанци ја носеле од разни краеви на светот каде што печалбареле. Вевчани има 19 цркви, манастири и параклиси, а централно место има црквата „Св. Никола“, која е осветена во 1876 година, а во која посебно место зазема иконостасот изработен од познатиот Дичо Зограф со тајфата, како и манастирот „Св. Спас“, кој се наоѓа на надморска висина од 1.310 метри.

Еден од позначајните белези по кои Вевчани е најпознато во нашата земја и светот е традиционалниот Вевчански карневал, стар колку што е старо и Вевчани – над 1.400 години. Карневалот се одржува секоја година на 13 и 14 јануари.