“Vevcani Green” е дел од престижната листа на најдобрите Топ 100 Приказни за Зелени Дестинации за 2022 година
 
Секоја година, натпреварот Top 100 Good Practice Stories на Green Destinations собира одржливи туристички приказни и добри практики од дестинации ширум светот за да бидат споделени како инспиративни примери, а дестинациите добиваат признание за решенијата што ги имплементирале како одговор на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Со оглед на тоа што туристичкиот сектор се соочува со многу предизвици во изминатите години, треба да се слави издржливоста и напорната работа на овие дестинации да станат поодговорни.
Во изборот за 2022 година беше вклучена и Општина Вевчани, со проектот за развој на одржлив туризам „Vevcani Green”.
Вевчани – општина сместена во југозападниот дел на Македонија, на само 15 километри од Охридското Езеро, под раскошните падини на планината Јабланица. Со површина од само 35 км2 и население од околу 2500 жители, Вевчани претставува еколошки и геолошки уникатен локалитет со силно негувана традиција, култура и природни богатства. На планината Јабланица има шуми кои имаат особено високи природни вредности.
Дополнително, Вевчанските извори, кои се наоѓаат на надморска височина од 960 метри, составени од 7 помали извори кои се спојуваат и го сочинуваат текот на реката Матица (Вевчанска Река), како и пештерата од која извираат, се вистинска реткост на оваа мала заедница.
Накратко за “Vevcani Green”
Општина Вевчани е управител на заштитеното подрачје Споменик на природата “Вевчански извори” за што има изработено план за управување по кој постапува управителот.
Како мала општина, Вевчани се соочува со предизвици за спроведување на плановите поради недостиг на човечки и финансиски капацитети.
За таа цел, Програмата за Зачувување на Природата во Македонија, проект на Швајцарската Агенција за Развој и Соработка, координирана од Фармахем и МЕД започна со воведување на концепт за плаќање на екосистемски услуги како еден од начините за обезбедување финансиска одржливост на заштитените подрачја.
Одржливиот туризам беше препознаен како дејност која обединува неколку екосистемски услуги во околината на Вевчани. Токму затоа се дојде до идеја дека шемата за плаќање за екосистемски услуги ќе се развие со помош на туризмот во Вевчани.
Здружението за одржлив развој и одговорни практики во туризмот, „Мастсидониа“, воедно и претставници на Green Destinations за Македонија, работи со општината и локалната заедница, и особено бизнисите од туристичкиот сектор, на нивно образование, обука и вклучување во методите и практиките на одржлив туризам преку програмите на Green Destinations.
На овој начин, се поттикува развојот на општина Вевчани како прва одржлива дестинацја во Македонија, модел кој ќе послужи како инспирација и ќе се преслика на други дестинации низ државата.
Преку создавање на платформа и визуелен идентитет за промоција на Вевчани како одржлива дестинација, како и креирање на “зелени продукти” значително ќе се подобри квалитетот и имиџот на самата дестинација, како и видливоста и интересот на одговорните посетители.
Апликацијата беше оценета од страна на Топ 100 тимот составен од експерти и партнери на Green Destinations. Комитетот на Топ 100 нагласува дека изборот на листата Топ 100 не значи дека дестинацијата е одржлива, туку дека е избрана врз основа на минимално ниво на усогласеност со основните критериуми на Green Destinations стандардот и проценката на нивната практика за одржлив развој.
Натпреварот се одржува под покровителство на Топ 100 партнерство, со посебен придонес од: Green Destinations, QualityCoast, Travelife, ITB Berlin, Asian Ecotourism Network, Ecotourism Australia, Global Ecotourism Network, Sustainable First, GLP Films, и Future of Tourism Coalition.
Приказната „Vevcani Green“ и целата листа Top 100 Good Practice Stories за 2022 година е достапна на веб-страницата на Green Destinations.
За Green Destinations
Green Destinations е организација со седиште во Холандија која работи на проценка, градење капацитети и сертификација на дестинации и бизниси посветени на одржлив туризам.
Green Destinations управува со голем број глобални програми преку основен тим од координатори и програмски менаџери.
Организацијата води глобално партнерство од над 50 претставници, составено од експерти за одржлив туризам, консултантски и непрофитни организации; работи во корист на Green Destinations заедницата.
Досега, повеќе од 450 дестинации и 50 бизниси од 60 земји учествувале во барем една од нашите програми. Заедно со Green Destinations заедницата и здружението, организацијата има за цел да го направи туризмот подобар и поодржлив.