+389(0)46784640 contact@vevcani.gov.mk
Почетна

Советот на Општина Вевчани денеска го усвои Планот за управување со Вевчанските извори, со што и формално овој споменик на природата заштитен со закон по цели дваесет години е вратен во владение на општината. На седницата заедно со градоначалникот Сашо Јанкоски присуствуваа ресорниот Министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, евроамбасадорот Самуил Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во земјата Нарине Сахакјан.

Вевчанските извори во 1999 година со одлука на тогашниот состав на Советот на Општината Вевчани беа прогласени за природна реткост со особена важност и споменик на природата,, а од 2012 година со него управуваше државата.

– Во рамки на Општината ќе формираме посебно одделние со ренџерска служба задолжена за грижа за природната реткост. Ќе биде ангажиран и шумарски инжинер што ќе ја мониторира состојбата со биодивертзитетот, како и советник за еко и рурален туризам. – истакна градоначалникот Сашо Јанкоски.

Амбасадорот на ЕУ Самуил Жбогар истакна дека ваквите примери како вевчанскиот покажуваат како една мала заедница може да биде лидер и да демонстрира како да се живее во хармонија со природата. Тој упати благодарност на Општината, невладините организации „Еко свест“ и Црни камен“, Канцеларијата на УНДП во земјата и ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање за нивната помош во реализирањето на целокупниот проект.

– Оваа одлука соодветствува со нашата кампањата на ЕУ „Чисто како дома исто“, преку која предвидуваме финансиска поддршка за инвестиции во заштита на животната средина. – рече Жбогар.

Нарине Сахакјан, Амбасадорот на УНДП, истакна дека Македонија како регион е жариште на биодиверзитетот и природната разновидност на Балканот, но потребно е да се работи на поголема грижа и заштита на природните убавини што ги поседува.

– Во државата постојат 86 подрачја прогласени за природни реткости и се под посебна заштита, но тоа не е доволно оттаму што дури и заштитените региони се под силен анторпоген атак преку човековите активности. Постои погрешна претстава кај луѓето дека менаџирањето со заштитените подрачја бара дополнителни трошоци. Затоа сме тука, преку заедничките проекти со Министерството за животна средина финансирани од ЕУ, да демонстрираме дека заштитата на животната средина има потенцијал да донесе и економска добивка. – рече Сахакјан.

Амбасадорот на УНДП додаде дека Општина Вевчани е пионер во тие активности, а според начинот на кој администрацијата ги спроведува сите планови за развој и заштита на природните реткости, може да послужи и како модел за успешно менаџирање за другите средини.

– Веќе се спроведени неколку активности и иницијативи, така што верувам дека заштитеното подрачје Вевчански извори во иднина ќе биде прогласено и за национален парк. – рече Сакахјан.

Министерот за животна средина Нуредини истакна  е важно сите чинители да контрибуираат во напорите за зачувување на животната средина за нас и за идните генерации.

Извор: OhridNews