Набавен е трактор со приклучна и дополнителна механизација

Успешно реализиран проектот за унапредување на општина Вевчани во препознатлива еколошко туристичка дестинација

Општата цел на проектот е унапредување на Вевчани во препознатлива еколошко-туристичка дестинација, преку подобрување на техничките капацитети на комуналното претпријатие со цел ефективно и ефикасно искористување на ресурсите на претпријатието што подразбира редовно расчистување на природната вегетација во топлите периоди и расчистување на улиците од снег во зимскиот период.

Средствата за набавка на механизацијата – Трактор и приклучна механизација која вклучува предна даска за чистење снег, расфрлувач на сол и страничен мулчер, Моторна фреза за снег и Тример за трева со додаток за сечење гранки се во висина до 26.000 евра без ДДВ, а се обезбедени од грантовата шема во рамки на проектот „Унапредување на општинското владеење“ спроведуван преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство во Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и Здружението на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС), финансиран од Европската унија (ЕУ).

Економскиот бенефит ќе биде особено подобрен во зимскиот период односно за време на одржување на традиционалната манифестација Вевчански карневал, кога се очекува голема посетеност на Вевчани од домашни и странски туристи, а ќе придонесе кон значително подобрување на техничките капацитети и опремата на единственото јавно комунално претпријатие во општина Вевчани, кое е одговорно и дава услуги за сите граѓани и на целата територија на општината.

Реконструкција на улицата „Даскалој 1“

После 23 години се реконструира улицата „Даскалој 1“!!!

Градежната офанзива во Вевчани продолжува со изградба на улицата „Даскалој 1“ во должина од 250 метри и вкупна вредност од 3.300.000 денари. Средствата се обезбедени преку Биро за регионален развој.
Се реконструира уште една улица со цел подобрување на инфраструктурата во општината и зачувување на автентичниот амбиент во општина Вевчани.

 

Го започнавме проектот КРИПТО ЛИЧНИК!

Денес со г-дин Јордан Стојановски го потпишавме меморандумот за соработка, која се воспоставува со цел остварување соработка за креирање на симболична криптовалута наречена КРИПТО ЛИЧНИК.

Целта на воспоставувањето на оваа соработка помеѓу Општина Вевчани, претставувана од градоначалникот г-дин Сашо Јанкоски и г-дин Јордан Стојановски е со креирањето на оваа симболична криптовалута – КриптоЛичник, да се збогатат маркетинг активностите за популаризацијата на општина Вевчани како една препознатлива туристичка дестинација.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во работна посета на општина Вевчани

Министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски и градоначалникот г-дин Сашо Јанкоски остварија работна средба во Општина Вевчани, на која  од страна на градоначалникот беше информиран за многубројните проекти кои се во фаза на реализација како и за идните проекти што треба да се реализираат.

Работната средба продолжи во проширен состав на која разговаравме за сегашната и подобрување на идната соработка на полицијата со локалните власти, за можностите за нејзино унапредување, особено низ многу превентивни форми на активности што ни стојат на располагање.

Министерот Спасовски констатира дека Општина Вевчани е на вистинскиот пат и изрази подготвеност за зголемување на соработката на неговото ресорно министерство како и на Владата со општината.

 

Продолжуваме со изградбата на улици, се гради „Костојчини 3“

Започнавме со изградбата на улица „Костојчини 3“ ( Василичарски конак – ресторан „Домаќинска куќа“). Градежната офанзива под мотото “Вевчани без кал” продолжува. Улицата ќе биде поплочена со камени плочи, а во рамките на истата ќе биде изграден и камениот зид.

Преку овие проекти Вевчани добива нов, уреден лик а истовремено се обновува автентичниот амбиент. Средствата за овој проект се обезбедени преку Центарот за развој на југозападниот плански регион.

 

Се гради станица за третман на отпадни води во Вевчани

Отпочнавме со изградба на новата прочистителна станица за отпадни води во Вевчани.
Овој проект е од огромно значење бидејќи до сега се загадуваше огромна површина на земјоделско земјиште.

Средствата за овој проект “Подобрување на управување со заштитени подрачја” во висина од околу 17 000 000,00 денари се финансирани од ЕУ, а проектот го спроведува УНДП во соработка со МЖСПП.

Директен бенефит од изградбата на пречистителната станица ќе има општина Вевчани и локално население кое ги користи водите од Вевчанска Река за наводнување на своите земјоделски површини, истовремено изградбата на пречистителната станица ќе придонесе кон решавање на еден долгодишен проблем за жителите од соседните населени места низ кои поминува Вевчанска Река.

Реалзиацијата на овој проект ќе придонесе кон подобрување на имиџот на општина Вевчани како еколошки чиста дестинација, а ќе претставува и позитивен пример за рурална општина која во целост го решила проблемот со изградба на канализационен систем, третман и прочистување на отпадните води.