Образование

 

Предучилишно образование [1]

Предучилишната образовно-воспитна дејност се врши преку установата за предучилишно образование ЈОУДДГ „Планински Цвет“ – Вевчани, како и во посебни паралелки за деца од помала возраст. Во населбата Вевчани постои еден објект за предучилишно воспитување на деца. Објектот е релативно нов и граден според важечките педагошки  прописи, со проектиран капацитет за 75 деца. Во објектот има 7 вработени лица.

Во објектот има 4 занимални, соби за одмор, хол, кујна, магацин, трпезарија, котларница, пералница, сушилница и канцеларија.

Во објектот за предучилишно образование се сместени следните групи деца:

– до 2 години;

– од 2 до 6 години;

– од 6 до 10 години.

 

Табела 4: Податоци за училишна зграда

Површина на објектот

Површина на парцелата

Број на деца

м2 изграден простор за дете

м2 вкупен простор за дете

600

2.800

51

8,00

37,33

 

Основно образование [2]

Образовниот процес во Општина Вевчани се одвива во Општинското основно училиште „Страшо Пинџур“, кое опфаќа  околу 226 ученици и 33 вработени. Има 18 паралелки, во кои се опфатени деца од 6 до 14 години.

Наставата се одвива во нова училишна зграда, која опфаќа површина од 2.483,82 м2. Објектот е изграден од цврст материјал, а во употреба е пуштен на 02.09.2013 година. Целосно е опремен со нов мебел, а компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете“ се ставени во употреба во новата училишна зграда.

Површината на училишната спортска сала изнесува 1.300 м2, изградена е во 2015 година и е целосно опремена.

Библиотека „М-р Ристо Попески“[3]

Библиотеката со читалница „Свети Василије“ е формирана на 16 февруари 1935 година, со 345 книги подарок од локалното население. Библиотеката меѓу двете светски војни била место каде што се сретнувале напредните вевчанци и си ги разменувале мислењата. Затоа библиотеката била постојано предмет на опсервација од „будното око“ на власта.

Библиотеката денес го носи името на знаменитиот вевчанец м-р Ристо Попески, научен истражувач кој има донирано 3.200 книги и има посебна заслуга за зголемувањето на книжниот фонд на библиотеката.

Библиотеката низ годините се пренесувала во различни простории, а денес е сместена во својата матична зграда, во Домот на културата во центарот на Вевчани. Сегашниот книжен фонд изнесува околу 16.000 книги. Со донација на Националната библиотека, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, во 2010 година книжниот фонд е зголемен за околу 600 книги, меѓу кои и книги на познати светски автори и стручни преводи како дел од владиниот проект „Превод на 100 стручни книги од реномирани светски автори“.

 

[1]Извор: Детска градинка „Планински цвет“ – Вевчани, 2018 г.

[2]Извор: ООУ „Страшо Пинџур“ – Вевчани.

[3] http://vevchani-info.mk