Населбата Вевчани опкружена со шуми и обработливо земјиште. Како ресурс од посебно значење е водата, која може да се види насекаде, но најдоминантна е во локалитетот “Вевчански извори”. Големо природно богатство се и шумите и високо планинските пасишта кои интегрално се поврзани со животот и опстанокот на населбата. Треба да се истакне дека овие природни зелени површини имаат огромно еколошко значење, како и санитарно – хигиенско значење за населбата Вевчани како и пошироко. Шумите и планинските пасишта имаат многу значајна улога во заштитата на Вевчанските извори и планинското езеро – Вевчанска локва кое се наоѓа на висина од 2000 м.н.в. како природни реткости со посебна функција.
Населбата Вевчани изобилува со природни терени за зимски спортови и тоа почнувајќи од локалитетот Јанков камен каде се наоѓа излетничкото место Јанков Камен посетувано од многубројни туристи се до месноста Голина на н.в од1.800м. Ова се предели каде што снегот се задржува и до 6 (шест) месеци во годината.
Во непосредна близина на планината има и манастир “Св.Спас” кој традиционално секоја година претставува собиралиште на многу посетители.
Во населбата посебно е убав локалитетот околу црквата “Св.Никола” која како доминантна е поставена на мало брдо, а одтаму се отвораат визури кон целото Струшко поле и пошироко до Охридското езеро.