Денес во 16:00 часот започнува програмата за Вевчански карневал 2020 со отворање на изложбата „Вевчанскиот карнвал низ призмата на Билјана Јуруковски“ која со своето присуство на карневалот во 2019 година ги овековечи моментите од карневалот и изработи слики кои ги донираше на општина Вевчани. Во 17:00 часот за првпат оваа година на „Вевчанскиот карневал“ ќе има и кулинарско шоу со Бранко Попоски насловено „Вкуси го Вевчани“. Тој е познат по својот гастрономски блог на социјалните мрежи: „Готвење со Бранко“ (Cooking with Branko), а за време на карневалот најави дека ќе подготви традционални вевчански специјалитети што се подготвуваат во оваа пригода.
Овие денови се од особено значење за Вевчани и вевчанци, во овие два дена Вевчани се претвора во отворен театар без режија и без сценарио, а во главна улога се креативните и инвентивни вевчанци, познати шегобијци кои преку маските ја пренесуваат пораката со критика и сарказам за настаните во годината што измина.
Вечерва во 19 часот на отвoрената сцена на игралиштето ќе настапат: ди џеј Тодороф, дуото „Ај кју“, „Брас брадерс“ и популарниот пејач Влатко Лозаноски. На 13 јануари, по претставувањето на маските на големото василичарко дефиле, во вториот дел на програмата што почнува во 21 часот ќе настапат фолк ѕвездите: Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска со своите бендови а на крај ќе настапи и дувачкиот оркестар „Весела дружина“. На полноќ со традиционален огномет ќе биде пречекана Стара нова година.
Во продолжение покрај програмата за овогодинешниот карневал споделуваме и неколку фотографии од карневалот од минатите години.