Под слоганот „Напрај се василичар“ од 12 до 14 јануари ќе се одржи традиционалниот „Вевчански карневал 2020“ кој и оваа година ќе понуди богата културно-забавна програма и забавни содржини за повеќе од 10.000 посетители. Се очекува да продефилираат над 1.000 оригинални маски, што се чуваат во тајност се до денот на одржувањето на карневалот, и многу други содржини со кои Вевчани стана примамлива туристичка дестинација за посетители од земјава, и од странство, чиј број од година во година е се поголем.
Градоначаникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, на денешната прес-конференција во Скопје, најави дека се е подготвено за најголемиот уличен театар во нашата земја, што постои цели 14 века.
– За оваа 2020 година, јас и сите вевчанци ветуваме многу смеа, игра, тетатар и маски кои што ќе го привлечат вниманието на јавноста, задржувајќи ја својата уникатност и архаичност. Повикувајќи се на годинашниот оригинален слоган: „Ке ојш? На вевчански. Напрај се и ти василичар“ ги повикувам сите љубители на добрата забава да дојдат во Вевчани и да станат василичари – порача градоначалникот Јанкоски.
Градоначаникот на Вевчани се надева дека како и досега креативноста на учесниците на карневалот ќе биде голема при подготовката на нивните маски и акцентот ќе биде ставен на политичките случувања, но и на други моменти од јавниот живот во земјава и пошироко.
Годинашната програма запонува на 12 јануари во 16 часот кога ќе биде отворена изложбата „Вевчанскиот карнвал низ призмата на Билјана Јуруковски“ која со своето присуство на карневалот во 2019 година ги овековечи моментите од карневалот. Исто така, за првпат оваа година на „Вевчанскиот карневал“ ќе има и кулинарско шоу со Бранко Попоски насловено „Вкуси го Вевчани“. Тој е познат по својот гастрономски блог на социјалните мрежи: „Готвење со Бранко“ (Cooking with Branko), а за време на карневалот најави дека ќе подготви традционални вевчански специјалитети што се подготвуваат во оваа пригода.
Вечерта на 12.01 во 19 часот на отвoрената сцена на игралиштето ќе настапат: ди џеј Тодороф, дуото „Ај кју“, „Брас брадерс“ и популарниот пејач Влатко Лозаноски. На 13 јануари, по претставувањето на маските на големото василичарко дефиле, во вториот дел на програмата што почнува во 21 часот ќе настапат фолк ѕвездите: Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска со своите бендови а на крај ќе настапи и дувачкиот оркестар „Весела дружина“. На полноќ со традиционален огномет ќе биде пречекана Стара нова година.
Традиционално на 14 јануари, според паганските обичаи, точно напладне маските се палат, со цел да се уништи злото и почнуваат подготовките за следната година.