Прописи на Советот и општината
Во вршење на работата од својата надлежност Советот донесува прописи и тоа: Статут, Програма, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон; Деловник на Советот; решенија; заклучоци; дава мислења и утврдува насоки и препораки.
Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, доколку поинаку не е определено со закон. Прописите се објавуваат во “Службен гласник на општината Вевчани” во рок од 7 дена од нивното донесување. Општината води збирка на објавените прописи која е достапна на општ увид.
Статутот е основен акт на Општината со кој се утврдуваат основните прашања во врска со надлежностите и организацијата на Општината и други прашања од значење за Општината.
Статутот на општината се донесува во две фази и тоа како нацрт-статут и предлог-статут.
Статутот на општината го донесува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот на општината.
Деловникот на Советот на општината се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот на општината. Со Деловникот на Советот се уредува начинот на работа на Советот и неговите работни тела, постапката за донесување прописи, постапката за одлучување и односите со другите органи.
Советот донесува заклучоци кога донесува одделни извештаи, информации и анализи.
Советот дава мислење и утврдува насоки за извршување на прописите и другите акти што ги донесува Советот на општината.
Постапката за донесување на прописите, се уредува со Деловникот на Советот на општината. Прописите се објавуваат во службено гласило на Општината. Прописите стапуваат во сила осмиот ден од денот на објавување, а по исклучок што го утврдува Советот на општината, со денот на донесувањето.
Акти на градоначалникот
За решавање на поединечни права, обврски и интереси на физичките и правните лица градоначалникот одлучува со решение.