Култура

Културата и традиција се нераскинлив дел од историјата на Вевчани. Во продолжение ќе бидат наведени само некои од активните негувачи на културата, културното наследство и традицијата на Вевчани.

Вевчанскиот карневал е настан кој се случува само еднаш во годината и кој го слави доаѓањето на Нова година според стариот календар, кој традиционално се одржува на 13 и 14 јануари според новиот календар. Карневалот е стар повеќе од 1.400 години и претставува интересен спој на паганското и современото. Негови главни карактеристики се: архаичноста, таинственоста и современото. Во карневалот се испреплетени традиционалните обредни игри и современите маски, а се изведуваат во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики – заштитник на вевчанските василичари, на вевчанци и на Вевчани. По своите специфичнии особини се разликува од сите други карневали во светот. Признат од страна на Федерацијата на европските карневалски градови (ФЕЦЦ), со својата богата културна и историска вредност, фестивалот привлекува илјадници домашни и странски посетители.

КУД „Дримкол“е сериозна културна институција која ја негува, развива и промовира народната култура во нашата држава и надвор од неа. Во рамките на ова здружение членуваат 150 активни членови кои се распоредени во неколку уметнички целини, и тоа: Фолклорниот ансамбал „Дримкол“, Патувачкиот театар „Поклони се и падни“, Пејачката група „Каданка“, Оркестарот на народни инструменти.

Како национално богатство на Македонија, ова вевчанско здружение се афирмира себеси и ја афирмира нашата држава онака како што доликува: квалитетно и достоинствено, а како доказ за тоа се и освоените награди, дипломи и признанија на многу домашни и меѓународни фестивали.

Фолклорниот ансамбал „Дримкол“ се формира во 1973 година под името „ПЕЧАЛБАР“, како здружение на граѓани во кое се здружуваат љубовта, желбата и восхитот кон фолклорот на многу млади луѓе во Вевчани, ентузијасти кои со несебичен самопридонес на вевчанското население успеваат да го опремат друштвото со инструменти и носии, а со еден сериозен и организиран пристап цврсто застануваат на македонската фолклорна сцена. Во 1979 година друштвото го добива името „ДРИМКОЛ“ и оттогаш до денес континуирано и активно работи на негување, развивање и презентирање на сценско-уметничките дејности, со посебен акцент и внимание кон фолклорната дејност.

Други културни настани и активности кои го збогатуваат културниот живот во Вевчани се и културно-уметничката манифестација Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“, на која досега имаат земено учество десетици еминентни ликовни уметници од Македонија, Грција, Русија, Бугарија, Албанија, Србија, Египет, Франција, Полска, Словенија, Романија, Мексико, Турција, Монголија и Шведска. Настанот се одржува традиционално од 25 јуни до 10 јули.

Фестивалот на народната култура „Пображење“ – започнувајќи од 2011 година, традиционално се одржува во периодот од 16 до 19 август во организација на КУД „Дримкол“ од Вевчани. Фестивалот има посебно значење за организаторот и населбата, затоа што покрај збогатувањето на културниот живот, овозможува континуиран развој и негување на фолклорната традиција во државата, а истовремено претставува и одличен придонес во збогатувањето на туристичката понуда во Вевчани во летниот период.

Фестивалот се случува во пресрет на Вевчанската слава Преображение Христово, од каде доаѓа и неговото име.

Цели на фестивалот „Пображење“ се:

  • Подигнување на свеста кај пошироката јавност за потребата од негување на фолклорната традиција и нејзината улога во функција на развој на туризмот;
  • Континуирано негување и промоција на домашната и странска фолклорна традиција со посебен фокус на промоврањето на културната разноликост;
  • Зголемување на туристичката понуда преку изградба на препознатлива туристичка манифестација.

Од 2015 година воведена е наградата „Чувари на изворната традиција“, која се доделува на најуспешната група која презентира изворен фолклор.

 

 

Споменици и спомен обележја

1. Во близина на центарот на Вевчани, поточно во дворот на поранешното основно училиште, а сега туристички центар во изградба е подигнато спомен обележје во чест на Народноослободителната борба (1941 – 1945).

2. Во познатата куќа на „Ќитановци“ која е прогласена за споменик на култутрурата на Македонија, а во време на НОБ, поточно во 1944 година во куќата бил одржан првиот состанок на НОО за Струшко.

Архитектура

Со векови вевчанските мајстори биле надалеку познати по своите градителски вештини, ѕидање, делкање камен, фасадирање и сл. Организирани во тајфи, работеле како печалбари насекаде на Балканот  и пошироко. Запознавајќи нови простори и култури, тие наученото го внесувале во родното Вевчани, водејќи го неговиот прогрес. Иако вевчанската стара архитектура била под влијание на новата европска архитектура, сепак, главно ги задржала трајните вредности на традицијата на македонската куќа –  присуство на чардак, употреба на локални материјали и поделба на живеењето на зимско и летно согласно климатските услови.

Убавината на Вевчани ја создаваат и старите куќи, сведоци на едно време и навики на живеење на локалното население. Од многубројните зачувани посебно се истакнуваат следните кои ја раскажуваат приказната за вевчанската традиционална архитектура:

  • Куќата на Дуцкиновци– куќа-палата, со троделна вертикална поделба, челно поставен чардак и извесни византиски реминисценции;
  • Куќата на Плушковци – куќа со специфично расчленет чардак кој се провлекува низ просторот;
  • Куќата на Пешиновци– висока куќа со двовисински трем и двоен средиштен чардак со изразито издиференциран зимски стан во меѓукатот и летен стан на катот;
  • Куќата на Даскаловци– мала куќа со затворен тип на чардак, во приземјето се сместени дуќани за народна носија, а во горните катови простории за живеење;
  • Куќата на Коруновци– троделна поделба со средиштен чардак и специфична стилска обработка која се врзува за македонските средновековни цркви;
  • Куќата на Ќитановци– високо развиена куќа со троделна поделба на основата и централно поставен чардак;
  • Куќата на Калајџиевци– висока куќа со тесен фронт, простран челно поставен чардак и јасно издифиренциран летен стан во катот од лесна бондрук констукција и зимски стан во масивен меѓукат;
  • Куќата на Костојчиновци – малечка куќа со колонада од столбови и еркери што кружат на предниот дел од куќата, долниот дел е во камен, а горниот дел од бондрук конструкција;
  • Куќата на Гоговци– куќа со двојно ориентиран средиштен чардак;
  • Куќата на Поповци– куќа со висока архитектонска и структурална изразеност со карактеристична и специфична типологија.

 

 Светилишта

„Храмот на Пресвета Богородица“ (Долна Церков)

Се наоѓала во  центарот на Вевчани. Станува збор за стара црква којашто ја срушиле Турците. На истото место вевчанци подоцна почнале со градба на нова црква. Градбата започнала во дваесеттите години (1921 – 1928). Црквата била изградена повеќе од 1,5 м во висина (до прозорците), но поради недостиг на средства, градбата била прекината. Се влегувало низ две поголеми порти, од исток и од запад, а имало и други помали влезови и скалила од северната страна, коишто се користеле во други пригоди. Денес постојат видливи траги од црквата во центарот на Вевчани.

Црква „Св. Никола“ (Горна Церков)

Тоа е соборна црква, односно трокорабна базилика со олтар, лаѓа и балкон. Дозволата за изградба на црквата во Вевчани е издадена во 1834 година, а за неа и вевчанци дале многу пари за поткуп. За тоа говори и фактот што оваа црква е изградена со рамен под, што во тоа време не било дозволено од властите. Се говори дека претходно била ископана седум степеници под нивото, а потоа е затрупана. Инаку, црквата е градена од рачно делкан камен. Нејзината должина изнесува 18 м, а широка е 12,5 м. Влезната врата е ѕидана со калај. Над неа, како и над другите отвори, во каменот се врежани библиски симболи.

Иконописот во црквата е од Димитар Крстевиќ – Дичо Зографот (1819 – 1872) од село Тресонче, Дебарско. Овој истакнат и талентиран мијачки зограф во овој свет храм оставил вредни дела.

Североисточно од црквата се наоѓала камбанаријата чија камбана била донесена од Романија, а нејзини донатори биле браќата Насто и Крстан Костојчиноски, кои во тоа време биле на печалба во Турну Северин.

На 10.10.1999 г. започна градба на нов црковен објект со димензии 14 х 12 м, којшто се наоѓа западно од црквата и е во нејзино продолжение. Тој е наменет за крстилница, галерија на икони, библиотека со читалница, продавница за свеќи, канцеларија и апартман.

Црква „Св. Спас“ (Бела Плоча)

Се наоѓа на влезот од Вевчани од неговата североисточна страна. Се нарекува уште и „Долни Св. Спас“. Изградена е на свето место со површина од 1.500 м2. Во почетокот светилиштето било мала дрвена куќарка, параклис, а по обновувањето од 1986 – 1996 г. е црква, солидно изградена од делкан камен. Осветувањето е извршено на 10.10.1996 година.

Манастир „Св. Спас“ (Горни)

Манастирот се наоѓа во планината западно од Вевчани, на надморска височина од 1.300 м. Просторот што го зафаќа самиот тој со околината изнесува 864 м2, а шумата, која е во негова сопственост, изнесува 45 хектари. Тоа е стара дабова шума и низ неа води пат до манастирот по кој се стигнува за еден час пешачење. Манастирот е изграден во карпите, што е карактеристика за целиот терен тука. Источно од него има една голема карпа, надвисната над самиот пат, односно над селото. Се верува дека светецот не дозволува да се случи зло. Ова свето место веројатно постои од поодамна, но изградбата на манастирот е од подоцнежен период. Судејќи според иконите, може да се датира од втората половина на XIX век. 

Црква „Св. Варвара“

Во минатото била параклис кој, покрај ова име, во Кралството Југославија го носел и името „Свети Сава“. Црквата се наоѓа северно од населбата, на едно мало возвишение, сред дабова шума. Меѓу овие дрвја има и неколку повеќевековни стебла, што укажува на староста на ова светилиште. Стариот параклис е урнат во 1996 г., кога на истото место, но со поголеми димензии, е изградена црквата. Заедно со шумата и гробиштата, зафаќа површина од 14.065 м2.

Црква „Св. Ѓорѓи Победоносец“

Во 2013 година, на православниот празник Ѓурѓовден, на влезот на Вевчани беа осветени темелите за изградба на нова црква – „Св. Ѓорѓи Победоносец“, посветена на истоимениот светител. Надворешноста на црквата е изградена од делкан камен, а внатрешноста сѐ уште е во изградба.

Параклис „Св. Димитрија“

Се наоѓа северно од населбата, во месноста Падарница. Парцелата на која е изграден изнесува 340 м2. Не е познато од кога датира. Фреските се изработени од С. Николиќ од Битола, во 1914 година. Реновиран е во осумдесеттите години. Се посетува на ден Митровден (8.11.), кога се врши богослужба, а посетителите носат ветени подароци и палат свеќи.

Параклис „Св. Петка“

И ова светилиште се наоѓа северно од Вевчани, во непосредна близина на параклисот „Свети Димитрија“, и е последно во низата светилишта што ја формираат правата линија исток  – запад. Површината на земјиштето на која е изграден изнесува 342 м2. Не е познато од кога датира. Фреските на иконостасот се изработени од вевчанскиот зограф Никола Бубаноски, во 1924 година.

Параклис „Св. Недела“

Се наоѓа во месноста Извор и изграден е на поток (јаз) со вода. Исто така, во самиот параклис има и мал извор. Иконостасот е изработен од Ѓорѓија Бубаноски, во 1939 година.

Параклис „Света Среда“

Се наоѓа во месноста Извор. Во него има извор, односно чешма со света вода за која се верува дека им помага на жените кои немаат род, па оттука ја нарекуваат уште и „женска вода“. Објектот е изграден во 1972 година, од страна на браќата: Кристо, Сандре и Леон Шекуткоски, како донатори.

Црквиште „Свети Јован“

Се наоѓа во месноста Извор. Ова свето место е означено со икона на светецот на кој му се палат свеќи. Тука, во реката, секоја година на денот Водици (19.01.) се фрла крстот.