Денес советниците на општина Вевчани присуствуваа на обуката „Управување со обврски и долгови, набавки и приходи“ која се одржа во Крушево. Обуките кои се спроведуваат се во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ спроведуван од Програма за развој на обединетите нации – УНДП, а финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), проект вреден 3,4 милиони швајцарски франци.

Во месец февруари дел од советниците на општина Вевчани завршија два модули кои се однесуваа на модул 1: „Улогата на општинските совети во доброто управување“ и модул 2: „Процес на буџетирање, носење на буџет и негово извршување“. Партнери во проектот се Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.

По успешното спроведување на проектот годинава општина Вевчани ќе добие два гранта – 50.000 швајцарски франци за приоритетни проекти кои ќе ги изберат граѓаните преку форумски сесии и 12.000 швајцарски франци за имплементација на иновативни IT решенија за зголемување на транспарентноста и отчетноста на општините и работата на Советот, а ќе се овозможи и учеството на граѓаните во носењето одлуки на локално ниво.

Советниците веќе посетуваат обуки за планирање и трошење за општинскиот буџет во рамки на истиот проект, а во месец март ќе бидат спроведени првите две форумски сесии на кои граѓаните ќе имаат можност да ги предложат приоритетните проекти што со тие средства ќе бидат имплементирани.