Денес, во посета на Вевчани беше Министерката за одбрана и Вицепремиерка – Радмила Шекеринска.
Во склоп на оваа работна посета градоначалникот Сашо Јанкоски и вицепремиерката Радмила Шекеринска, извршија увид во изградените објекти, како и проектите кои се во завршна фаза од изградбата.
Вицепремиерката беше воодушевена од преубавата природа како и од новата планинарска куќа финансирата од ГИЗ и реализирана од планинарското друштво “Церн Камен 2257” – Вевчани преку проектот “Реконструкција и опремување на планинарската куќа во модерен планинарски дом”- Јанков Камен. Овој планинарски дом ќе можат да го користат сите љубители на природата.
Во рамките на посетата беше извршена и еколошка акција со помош на младината.
Со градоначалникот Сашо Јанкоски ја посетија и пречистителната станица за отпадни води во Вевчани, која е во завршна фаза и со која инвестиција го решаваме долгогодишниот проблем со загадување на огромната земјоделска површина во овој регион. Реализацијата на проектот ќе придонесе кон подобрување на имиџот на општина Вевчани како еколошки чиста дестинација, а ќе претставува и позитивен пример за рурална општина која во целост го решила проблемот со изградба на канализационен систем, третман и прочистување на отпадните води. Проектот се спроведува преку УНДП и е финансиран преку ЕУ. Неговата вредност е околу 17 милиони денари.
Извршија увид и на градежните активности на Обиколницата на регионалниот пат Југ-Вевчани чија изградба е во тек и се очекува да заврши многу брзо. Вицепремиерката истакна дека како централна власт се насочени кон решавање на инфраструктурните проблеми на населението. Со изградбата на овој крак на регионален пат ќе се разреши долгогодишниот проблем на поврзаност со Здравствениот дом на жителите од Вевчани, Велешта и Лабуништа. Досега приодот до здравствениот објект се одвиваше по заобиколен и многу подолг пат со што беше отежнато давањето на здравствени услуги.