На 17.09.2019 година во Клубот на пензионери – Вевчани, се одржа Свечена Академија по повод  75 – годишнината од конечното ослободување на Вевчани (17.09.1944 год). На Свечената Академија градоначалникот на општина Вевчани, г-дин Сашо Јанкоски додели „Златни благодарници за животно дело“ посмртно на: Кузман Дејкоски, Д-р. Светозар Чочороски и м-р. Илија Каланоски.

ПО НЕКОЛКУ ЗБОРА ЗА НОСИТЕЛИТЕ НА ЗЛАТНАТА БЛАГОДАРНИЦА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Кузман Дејкоски, е еден од многуте вевчански напредни печалбари – неимари, искален во борбата за слобода на македонскиот народ. Како револуционер и како борец, отсекогаш се залагал за работниот човек и за обесправените, а е учесник во НОАВМ од самиот нејзин почеток, од 1941 година. Тој е во вистинска смисла трибун и мобилизатор не само на вевчанци, туку и во околијава, така што е избран за прочелник во Првиот народно ослободителен одбор во октомври 1944 година во Вевчани, а потоа бил биран и за претседател на Народно ослободителниот одбор на Вевчани. Ќе потсетиме, негови дела се изградба на зградата на нашето училиште, на некогашниот задружен дом, сега Домот на културата, хидроцентралата, пренесувањето на гробиштата од горна и од долна маала во Варвара, повеќе комунални зафати и др. За своите работни заслуги има добиено повеќе  одликувања. Дело за почитување.

Д-р Светозар Чочороски е роден 1926 година, а починал 1998 година. Завршил Медицински факултет во Скопје, но како студент е затворен и испратен на Голи Оток. Таму тој работел, односно ја издржувал затворската во логорската амбуланта, помагајќи им на другите десетина вевчанци  – осуденици во лекувањето, меѓу кои и Панко Брашнаров, човекот кој прв го отвори првото заседание на АСНОМ, што се одржа на 2 август 1944 година во манастирот Свети Прохор Пчињски. Негово значајно дело е тоа што со работа напуштената зграда ја претвори во репрезентативен објект на Здравствениот дом, изгради уште неколку здравствени пунктови – станици во соседните села, ја намали односно сведе на минимум смртноста на децата, ја подигна здравствената култура на највисоко ниво. Покажувајќи во тоа време дека и во Вевчани се раѓаат големи дела.

М-р Илија Каланоски, е роден 1932 год. а почина 2017 година. Тој е човекот, учителот, професорот што го истражи и го опиша нашето минато, односно нашата историја. Тој со својата суптилност откри многу непознати страници од постоењето на Вевчани и од животот на нашите претци. Неговата прва книга „Вевчани во НОВ и Револуцијата“ излезе во 1971 година, во која е напишано дека Вевчани е ослободено на 17 септември 1944 год. и дека во нашата населба е формиран првиот Народно – ослободителен одбор за Струшката околија. Тој е автор и на монографијата „Ослободителната војна и револуција во Струга и Струшко“ објавена во 1983 год., потоа на книгата  посветена на војводата Кондо пешин, на книгата – монографија „Вевчански карневал и вистински приказни за Василица“, како и на енциклопеиското издание „Вевчани – историја – вевчанци“, издадена во 2015 год. За својата работа тој беше одликуван и наградуван повеќе пати.

Во минатото до денешни денови, многу вевчанци работеле за изградбата, напредокот и просперитетот на Вевчани, низ годините и децениите, со што се вградиле во денешниот лик на нашата современа населба, на нашата Општина, а тоа што го работеле и го сработиле е наше заедничко богатство.

Благодарност до г-дин Мишо Китаноски, новинар во пензија.