МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО ПЛАНИНСКАТА СПАСИТЕЛСКА СЛУЖБА ПРИ ЦРВЕН КРСТ

Денес, во просториите на општина Охрид, градоначалникот Сашо Јанкоски, присуствуваше на потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Општина Вевчани и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст на РМ – Општинска организација Охрид, заедно со Општина Охрид и Општина Дебрца. Соработката меѓу потписниците во рамките на овој Меморандум е во функција на координација на активностите во врска со Спасувањето на планина и тешко пристапни места, во случај на несреќи и природни катастрофи, а се со цел ефективна и ефикасна подршка на локалното население, туристичкиот и стопанскиот сектор, кои делуваат во планинските предели на територијата од Општината. Во иднина планирана е соработка помеѓу Спасителната служба и ренџерската служба на општина Вевчани, како и отварање на центар за спасување на Јабланица на територијата на општина Вевчани.

Инфо ден за ИПАРД 2014 – 2020

Почитувани,
Со задоволство Ве покануваме да присуствувате на Инфо ден за спроведување и користење на Инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој ИПАРД 2014 – 2020, каде што ќе се презентираат МЕРКА 3 – Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи и
МЕРКА 7 – Диверзификација на фармите и развој на бизниси од ИПАРД 2014-2020.
Место на одржување: Клуб на пензионери, Општина
Вевчани
Датум: 25.10.2019
Време: 15:00 часот

Започна со изградба паркот пред општинската зграда во Вевчани!

Во текот на вчерашниот ден во присуство на градоначалникот Сашо Јанкоски започна изградбата на паркот пред општинската зграда. Овој руиниран простор беше не само многу грда слика во самиот центар на Вевчани, туку и голема опасност за жителите . Со изградбата на новиот модерен парк како и реконструкцијата на зградата на старото основно училиште во модерен туристички центар,  центарот на Вевчани конечно ќе добие нов и модерен лик. За овој многу значаен проект за Вевчани, преку Бирото за рамномерен регионален развој се обезбедени 3 500 000 денари, а остатокот од околу 900 000 денари се сопствени средства на општина Вевчани. Градежната офанзива во Вевчани која ја најавуваше градоначалникот Јанкоски веќе е видлива на секој чекор. Вевчани во моментов е претворено во едно големо градилиште!

Продолжува изградбата и реконструкцијата на локалните улици во општина Вевчани.

Започнавме со поплочување на улицата „Алулој – Гогој 1“, улица која до сега беше со кал а ќе биде поплочена со камени плочи во автентичен амбиент кој одлично се вклопува во традиционалните стари градби во Вевчани. Средствата за изградба на оваа улица се обезбедени преку Центарот за развој на југозападниот плански регион. Во наредниот период продолжуваме со изградба и реконструкција и на други улици низ Вевчани.

 

 

Енергетска трибина во општина Вевчани

На 16.10.2019 година со почеток во 17:00 часот во зградата на Општина Вевчани, Клуб на пензионери – Вевчани се одржа Енергетска трибина организирана од Стопанска комора за енергетика на Македонија заедно со Општина Вевчани.

На трибината одржаа говор, Градоначалникот на Општина Вевчани  г-дин Сашо Јанкоски, Претседателот на Стопанската Комора за енергетика на Македонија г-дин Ѓорѓи Манасков, Државен инспектор за животна средина    г-ѓа Лидија Зафировска, Вице-Претседател за Централна Македонија на Стопанската комора за енергетика г-дин Ристо Каракашев, ЕСКО компанија за улично осветлување од ЕУ- Хрватска г-дин Томислав Грива.

Присутните компании и граѓани на оваа трибина беа информирани за новите случувања во енергетскиот сектор, како и за можноста за инвестирање во обновливи извори на енергија, фотоволтаици, хидроцентрали, можностите за искористување на грантови преку ИПАРД и други фондови, премиум тарифи, откуп и продажба на електрична енергија. Исто така на трибината беше презентиран и модел за јавно осветлување претставен од г-динот Грива од ЕСКО компанијата за улично осветлување од Хрватска. Стопанската комора за енергетика ја нагласи својата подготвеност за соработка при спроведувањето на енергетски мерки кои се во склоп на нивната дејност, како и  да му се помогне на секој граѓанин или компанија кои имаат проблем во енергетиката или сакаат да инвестираат.