Општина Вевчани имплементираше иновативен проект за заштеда на електрична енергија преку инсталација на фотоволтаичен систем на прочистителната станица за отпадни води. Овој проект има повеќекратна корист за локалното население затоа што придонесува за поекономичен третман на отпадните води, производство на енергија од обновливи извори, а со тоа и намалено негативно влијание врз животната средина.
Вевчани е една од вкупно 10 општини од Западен Балкан кои реализираа иницијативи за енергетика, транспорт и климатски промени во рамки на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“.
Градоначалникот Кочовски истакна дека „Секој проект кој придонесува за заштита на животната средина има огромно значење за нас како општина. Поставувањето фотоволтаичен систем на прочистителната станица е особено важно затоа што претставува континуитет на нашите напори да ја подобриме енергетската ефикасност на јавните објекти, но и да го зголемиме нивото на искористеност на обновливите извори на енергија“
Проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“ обезбедува техничка поддршка, зголемување на капацитетите, можности за вмрежување и поддршка на мали проекти во насока на развој, имплементација и мониторинг на Планот за одржлива енергија и климатска акција (SECAP).
„Имплементацијата на ваков тип проекти има големо значење за локалните заедници бидејќи придонесува за намалување на енергетската сиромаштија, заштита на животната средина, подигнување на свеста на граѓаните и подобрување на условите за живот и работа. Со цел да се отиде чекор понатаму во овие предизвици, неопходен е сеопфатен пристап на централната и локалната власт кој меѓу другото ќе опфати и формирање Фонд за енергетска ефикасност “, истакна Ивана Серафимова од Здружението на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).