Дуодрамата „За нас почнува живот“ во изведба на актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви ќе учествува на „Вевчанско лето“ 2024. Претставата ќе се игра вечерва, 24 јули со почеток во 21 часот во дворот на детската градинка „Планински цвет“. Влезот за посетителите е слободен.
„За нас почнува живот“ е создадена по мотив од романот „Прав“ од Ѓерѓ Шпиро и својата премиера во Драмски театар Скопје ја имаше во декември 2022 година.
“За нас почнува живот” е претстава за човекот, за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден , што работи со нас , што ни е роднина, за оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото.
“Во претставата маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море . И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко добивате милиони на лото. И како понатаму…Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои не потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото” – вели режисерот Пројковски.
Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, асистент на режија е Дамјан Димовски, костимограф е Марија Папучевска а музиката е на Горан Трајкоски. Плакат и видеоматеријалот за претставата се изработени од Стојан Стојановски.