by Општина Вевчани | Ное 13, 2019
Денес бев на увид на активностите поврзани со реконструкција на улицата Даскалој 1.
Од страна на изведувачот бев информиран дека активностите се одвиваат во три фази.
Во првата фаза се одстрануваше асфалтот, втората фаза е во тек и се поставува тампон, додека пак во третата фаза ќе се поставуваат камени плочи, кој на некои споредни улички веќе се поставуваат.
Планирано е целокупната реконструкција на улицата да заврши до следниот месец.
by Општина Вевчани | Ное 13, 2019
Денес заедно со Директорот на Канцеларијата на Светска банка во МК, Марко Мантованели и тимот од Проектот за локална и регионална конкурентност го посетивме проектот за развој на туризмот – туристички Инфо центар во општина Вевчани (објектот на старата училишна зграда). Зголемувањето на туристичката понуда, особено за љубителите на авантуристички туризам, ќе придонесе за привлекување на поголем број странски туристи во државата, како и за севкупниот локален економски развој.
by Општина Вевчани | Ное 5, 2019
„Vasilichari -Guardians of tradition“
Билјана Миленкоска – Јуруковси од Прилеп, е професионален фотограф и од својата 21 година живее во Австралија. Она што го започнала како хоби, денес е нејзина страст и втора професија. Желбата да фотографира луѓе и нивниот начин на живот, но само во области и земји чии култури и традиции останале недопрени од модерниот свет, ја доведе и во Вевчани за време на одржувањето на традиционалниот Вевчански карневал во 2019 год. Патувала во повеќе од 30 земји, меѓу кои: Индија, Етиопија, Монголија, Непал, Ангола, Куба, Мексико, Кина, Виетнам, Јапонија, Тајланд и други.
Билјана беше наш гостин на минатогодишниот Вевчански Карневал, беше дел и го следеше одржувањето на карневалот од почеток до крај. Резултат на тоа се фотографиите кои ги направи за време на карневалот и кои ги подари на општина Вевчани да сведочат за Вевчанскиот карневал и василичарите како чувари на традицијата. Донацијата вклучува фотографии од „Вевчански карневал 2019“ изработени на хартија со музејски квалитет и истите ќе бидат изложени во новоизградениот туристички центар во Вевчани.
by Општина Вевчани | Окт 30, 2019
Успешно реализиран проектот за унапредување на општина Вевчани во препознатлива еколошко туристичка дестинација
Општата цел на проектот е унапредување на Вевчани во препознатлива еколошко-туристичка дестинација, преку подобрување на техничките капацитети на комуналното претпријатие со цел ефективно и ефикасно искористување на ресурсите на претпријатието што подразбира редовно расчистување на природната вегетација во топлите периоди и расчистување на улиците од снег во зимскиот период.
Средствата за набавка на механизацијата – Трактор и приклучна механизација која вклучува предна даска за чистење снег, расфрлувач на сол и страничен мулчер, Моторна фреза за снег и Тример за трева со додаток за сечење гранки се во висина до 26.000 евра без ДДВ, а се обезбедени од грантовата шема во рамки на проектот „Унапредување на општинското владеење“ спроведуван преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство во Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и Здружението на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС), финансиран од Европската унија (ЕУ).
Економскиот бенефит ќе биде особено подобрен во зимскиот период односно за време на одржување на традиционалната манифестација Вевчански карневал, кога се очекува голема посетеност на Вевчани од домашни и странски туристи, а ќе придонесе кон значително подобрување на техничките капацитети и опремата на единственото јавно комунално претпријатие во општина Вевчани, кое е одговорно и дава услуги за сите граѓани и на целата територија на општината.
by Општина Вевчани | Окт 30, 2019
После 23 години се реконструира улицата „Даскалој 1“!!!
Градежната офанзива во Вевчани продолжува со изградба на улицата „Даскалој 1“ во должина од 250 метри и вкупна вредност од 3.300.000 денари. Средствата се обезбедени преку Биро за регионален развој.
Се реконструира уште една улица со цел подобрување на инфраструктурата во општината и зачувување на автентичниот амбиент во општина Вевчани.