Го започнавме проектот КРИПТО ЛИЧНИК!

Денес со г-дин Јордан Стојановски го потпишавме меморандумот за соработка, која се воспоставува со цел остварување соработка за креирање на симболична криптовалута наречена КРИПТО ЛИЧНИК.

Целта на воспоставувањето на оваа соработка помеѓу Општина Вевчани, претставувана од градоначалникот г-дин Сашо Јанкоски и г-дин Јордан Стојановски е со креирањето на оваа симболична криптовалута – КриптоЛичник, да се збогатат маркетинг активностите за популаризацијата на општина Вевчани како една препознатлива туристичка дестинација.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во работна посета на општина Вевчани

Министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски и градоначалникот г-дин Сашо Јанкоски остварија работна средба во Општина Вевчани, на која  од страна на градоначалникот беше информиран за многубројните проекти кои се во фаза на реализација како и за идните проекти што треба да се реализираат.

Работната средба продолжи во проширен состав на која разговаравме за сегашната и подобрување на идната соработка на полицијата со локалните власти, за можностите за нејзино унапредување, особено низ многу превентивни форми на активности што ни стојат на располагање.

Министерот Спасовски констатира дека Општина Вевчани е на вистинскиот пат и изрази подготвеност за зголемување на соработката на неговото ресорно министерство како и на Владата со општината.

 

Продолжуваме со изградбата на улици, се гради „Костојчини 3“

Започнавме со изградбата на улица „Костојчини 3“ ( Василичарски конак – ресторан „Домаќинска куќа“). Градежната офанзива под мотото “Вевчани без кал” продолжува. Улицата ќе биде поплочена со камени плочи, а во рамките на истата ќе биде изграден и камениот зид.

Преку овие проекти Вевчани добива нов, уреден лик а истовремено се обновува автентичниот амбиент. Средствата за овој проект се обезбедени преку Центарот за развој на југозападниот плански регион.

 

Се гради станица за третман на отпадни води во Вевчани

Отпочнавме со изградба на новата прочистителна станица за отпадни води во Вевчани.
Овој проект е од огромно значење бидејќи до сега се загадуваше огромна површина на земјоделско земјиште.

Средствата за овој проект “Подобрување на управување со заштитени подрачја” во висина од околу 17 000 000,00 денари се финансирани од ЕУ, а проектот го спроведува УНДП во соработка со МЖСПП.

Директен бенефит од изградбата на пречистителната станица ќе има општина Вевчани и локално население кое ги користи водите од Вевчанска Река за наводнување на своите земјоделски површини, истовремено изградбата на пречистителната станица ќе придонесе кон решавање на еден долгодишен проблем за жителите од соседните населени места низ кои поминува Вевчанска Река.

Реалзиацијата на овој проект ќе придонесе кон подобрување на имиџот на општина Вевчани како еколошки чиста дестинација, а ќе претставува и позитивен пример за рурална општина која во целост го решила проблемот со изградба на канализационен систем, третман и прочистување на отпадните води.

МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО ПЛАНИНСКАТА СПАСИТЕЛСКА СЛУЖБА ПРИ ЦРВЕН КРСТ

Денес, во просториите на општина Охрид, градоначалникот Сашо Јанкоски, присуствуваше на потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Општина Вевчани и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст на РМ – Општинска организација Охрид, заедно со Општина Охрид и Општина Дебрца. Соработката меѓу потписниците во рамките на овој Меморандум е во функција на координација на активностите во врска со Спасувањето на планина и тешко пристапни места, во случај на несреќи и природни катастрофи, а се со цел ефективна и ефикасна подршка на локалното население, туристичкиот и стопанскиот сектор, кои делуваат во планинските предели на територијата од Општината. Во иднина планирана е соработка помеѓу Спасителната служба и ренџерската служба на општина Вевчани, како и отварање на центар за спасување на Јабланица на територијата на општина Вевчани.